Александар Трајковски беше човекот кој со гол во 92. минута ја израдува целата Македонија, а ја заледи Италија и полните трибини со домашни навивачи на „Ренцо Барбера“. Неизмерна беше радоста кај крилниот играч по погодокот вреден историски триумф и пласман во финалето во баражот за СП 2022.
„Искрено, најмногу сум среќен што дојдовме до оваа победа затоа што знам што значи за целата Македонија, а дури потоа за голот кој го дадов на терен на кој минав четири години. Се заврши добро за нас, се погоди таа 92. минута со последната сила да го дадам тој гол и да донесам радост барем сега да уживаме во овој момент, затоа што чека уште еден меч. Сега уживаме, а по наредната средба ќе видиме. Ние ќе го дадеме максимумот со Португалија. Имав тројца играчи пред мене и од почетокот мислев дека топката ќе оди надвор, меѓутоа видов дека дадов гол и не ми се веруваше. Потоа и судиите гледаа ВАР, но јас знаев дека топката не ме удри во рака и беше еден многу убав момент за сите нас. Имаме четири дена да се одмориме и да собереме сили за следниот меч во Португалија, колку што можеме поодморени и подготвени на тактички план да влеземе во него. Би сакал и Португалија да нѐ потцени како Италијанците. Сега сите видоа дека сме репрезентација која може да игра со сите селекции. Но, не верувам дека противникот ќе не потцени овој пат“, изјави Трајковски.
Поранешниот член на Палермо се осврна и на натпреварот со Португалија.
„Сега треба добро да се одмориме, а потоа да се подготвиме за Португалија. Играме против репрезентација со многу индивидуални квалитети, но спремни сме и веруваме дека можеме да истрчаме на терен и да докажеме дека можеме да се надигруваме и со нив. Знаеме дека ќе биде тешко, ама во фудбалот се прават чуда за кои никои не веруваат“, заврши Трајковски.