„Вардарки“ направија голем пресврт против Бадел 1862 за петта победа (74:63) во исто толку натпревари, Баскет кам го совлада Патриот 2016 со сигурни (65:50)
n
Две средби од петтото коло на „Шпаркасе Лајф“ Првата лига во женска конкуренција се одиграа досега, а во центарот на вниманието беше дербито во кое Вардар славеше на гостувањето кај Бадел 1862 (74:63). Со тоа, „црвено-црните“ ја продолжија победничката серија и останаа единствената непоразена екипа во досегашниот тек од шампионатот.
Иако на полувремето имаа висока негатива од 21 поен (22:43), кошаркарките на Вардар покажаа карактер и квалитет во продолжението. Избраничките на Александар Ашаданов одиграа извонредно второ полувреме, во кое направија целосен пресврт, добивајќи го тој период со убедливи 52:20, за на крајот да стигнат до заслужен триумф од 74:63.
Јана Пислевска беше најефикасна во победничкиот состав со 25 поени, четири скока и две асистенции. Марија Николиќ оствари дабл-дабл учинок од 17 поени и 12 скока, дополнети со две асистенции, додека Донмез придонесе со 10 поени и шест скока.
Кај Бадел 1862, кој го претрпе првиот првенствен пораз, Николов реализираше 20 поени, седум асистенции и три скока, а Клири го заврши натпреварот со 17 поени, седум скока и пет освоени топки.
БАСКЕТ КАМ – ПАТРИОТ 2016 65:50
Баскет кам ја искористи предноста на домашниот терен во Македонска Каменица и стигна до сигурна победа над Патриот 2016. Домаќинките го оправдаа фаворитскиот статус и ја забележаа третата победа во сезоната.
Сања Адамовска повторно имаше извонреден настап. Репрезентативката беше на чекор до нов трипл-дабл, завршувајќи го натпреварот со 26 поени, 14 скока и девет асистенции. Притоа, имаше одлична реализација за три поени, погодувајќи шест од осум обиди. Дојчинова додаде 19 поени, а Митева уште 13 поени и три асистенции.
Во редовите на Патриот 2016, кој сè уште ја очекува првата победа, Божинова забележа дабл-дабл од 15 поени и исто толку скока, додека Рашова натпреварот го заврши со 11 поени и 12 скока.
Петтото коло ќе биде комплетирано в недела, со преостанатите два натпревари: Пробаскет – Гевгелија и МЗТ Скопје Аеродром – Крива Паланка.
n
Извор: КФСМ





Додај коментар