„Црвено-белите“ го добија вечното дерби во СЦ „Јане Сандански“ (74:60) и остануваат единствената непоразена екипа во шампионатот
Работнички е победник на вечното македонско кошаркарско дерби! Во одлична атмосфера во СЦ „Јане Сандански“, екипата од „Градски парк“ го совлада актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром со убедливи 74:60 и ја продолжи својата победничка серија во МТЕЛ Суперлигата.
„Црвено-белите“ одиграа одлично второ полувреме, во кое ја презедоа контролата врз натпреварот и стигнаа до голема победа, прва во меѓусебните пресметки со големиот ривал по пауза од три години. Но, уште поважно, Работнички и по седмото одиграно коло останува со максимален ефект од седум победи.
МЗТ Скопје Аеродром подобро ја отвори втората четвртина. По минималната негатива од 16:17 по првите десет минути, домашниот состав направи серија од 10:0 и со поените на Војдан Стојановски стигна до најубедливото дотогашно водство од 26:17.

Во продолжението следуваше целосен пресврт. Работнички го отвори второто полувреме со многу поагресивна игра, а по тројката на Ефремовски и серијата од 10:2, во која Елингсворт реализираше седум поени, гостите за првпат поведоа со 45:40.
Тоа беше сигнал за домашниот стручен штаб да побара тајм-аут, но Работнички продолжи во ист ритам. Со нова серија, овојпат од 17:4, „црвено-белите“ стигнаа и до двоцифрена предност (52:42), која до крајот на третата четвртина дополнително ја зголемија, за убедливи 56:44.
Во последниот период гостите рутински ја контролираа предноста и не му дозволија на шампионот да се врати во натпреварот, за конечни 74:60 и големо славје во таборот на Работнички.






Додај коментар