NEXT GEN • Интервјуа • Македонска кошарка

Докузовски: „Има два клуба во Македонија кои создаваат играчи“

Развојот на младите кошаркари е една од клучните теми за иднината на македонската кошарка, а според искусниот македонски тренер Марин Докузовски, ретки се клубовите кои навистина посветуваат внимание на создавањето сопствени играчи.

Во гостувањето во поткастот на „Пресинг“, поранешниот македонски селектор посочи дека во Македонија, според него, има само два клуба (Вардар и Феникс) кои континуирано создаваат млади кошаркари, издвојувајќи го Феникс како позитивен пример за работа со младите категории.

„Феникс стално става свои играчи, ги пушта да играат, дава шанси на млади играчи“, истакна Докузовски, упатувајќи пофалби за политиката на клубот.

Докузовски потенцираше дека слободата во носењето одлуки им овозможува на ваквите клубови да размислуваат долгорочно, без развојот на младите кошаркари да биде жртва на императивот за моментални резултати.

Создавање играчи, а не само резултати

Признанието од еден од најуспешните македонски кошаркарски тренери е потврда за значењето на концептот што го негува Феникс. Младите кошаркари не само што добиваат можност да бидат дел од сениорскиот состав, туку и реална шанса да заиграат, да стекнат искуство и да напредуваат.

Докузовски се осврна и на заминувањето на младите македонски кошаркари во САД, оценувајќи дека од нивниот развој може да профитира и националната репрезентација, но и домашното првенство доколку тие се вратат во Македонија.

Во услови кога македонската кошарка постојано се соочува со прашањето за недостигот на квалитетни домашни играчи, примерот на Феникс покажува дека решението треба да се бара и во клупската политика.

Затоа што младите играчи не се создаваат само на тренинзите, туку и преку довербата и минутите што ги добиваат на паркетот.

Дека пофалбите на Докузовски имаат реална основа, говорат и имињата на кошаркарите кои во изминатите години се развиваа и афирмираа во Феникс. Андреј Јакимовски, Андреј Митревски, Андреј Андоновски, Амар Хот и Марин Петков се само дел од нив. Во меѓувреме, клубот продолжува да им дава простор на новите генерации, потврдувајќи ја својата определба за создавање домашни кошаркари.

Денис Дервишевиќ и визијата за создавање млади кошаркари

Посебно признание од Докузовски доби Денис Дервишевиќ, тренерот и сопственик на Феникс, кој со години е посветен на создавањето и афирмацијата на младите македонски кошаркари.

Ваквата политика на клубот не е случајност, туку резултат на долгогодишна визија и јасно дефинирана филозофија. Уште во 2023 година, кога Феникс стигна до финалето на Купот на Македонија, Дервишевиќ ја сумираше својата кошаркарска филозофија во една реченица:

Токму оваа изјава добива дополнителна тежина по пофалбите на Докузовски и ја отсликува суштината на проектот Феникс. Во средина во која резултатскиот императив често го става развојот на младите во втор план, Дервишевиќ покажува дека создавањето играчи и постигнувањето резултати не мора меѓусебно да се исклучуваат.

Од таквата политика, на долг рок, најголема корист има македонската кошарка.