„Можат да ни помогнат да ја продолжиме победничката серија“, вели напиот репрезентативен бек-шутер
Македонската машка сениорска репрезентација во четврток (18:00 часот) го игра првиот натпревар на домашен терен во вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот 2029. По одличниот старт и победата над Австрија на гостински терен, следен противник на избраниците на Жозеп Марија Берокал е селекцијата на Кипар.
Пред овој важен дуел, своите очекувања ги сподели Виктор Ефремовски, кој верува дека Македонија има квалитет да продолжи во победнички ритам, особено со поддршката од домашната публика.
„Добро стартувавме, победивме со Австрија на гостински терен и мислам дека ќе ја продолжиме оваа победничка серија. Сега тука е и Нено Димитријевиќ, имаме поголем играчки ростер. Против Австрија делувавме моќно и остваривме убедлива победа на гостински терен.
Ја повикувам публиката да дојде во што е можно поголем број. Тие се нашиот шести играч и можат да ни помогнат да ја продолжиме победничката серија“, вели Ефремовски.

За нашиот бек, очекувањата пред првиот домашен натпревар во овој циклус се јасни – нов триумф.
„Како што реков, мислам дека треба да ја продолжиме оваа серија на победи. Не очекувам ништо друго освен победа“, порачува македонскиот репрезентативец.
Ефремовски веќе има основни информации за играта на Кипар, но најавува дека стручниот штаб ќе направи детална анализа на противникот пред четврток.
„Гледав малку од нивниот настап против Австрија. Сепак, стручниот штаб ќе направи дополнителен скаутинг, заедно ќе ја погледнеме видеоанализата и мислам дека ќе успееме да извојуваме победа и на овој натпревар“.
Македонија и Кипар се среќаваат во четврток, со почеток во 18:00 часот, во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје. Поддршката од трибините може да биде важен фактор во обидот нашите репрезентативци да го продолжат успешниот почеток на вториот круг од претквалификациите.
Извор: КФСМ




Додај коментар